Грешки се прават, но важно е да се корегираат и да не станат тенденција, порача министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, на прашањата поврзани со заканите кон новинарите и случајот со претседателката на „Транспаренси интернешнл“ Слаѓана Тасева.
На денешната прес-конфернеција по повод Денот на слободата на медиумите, Поповски потенцира дека е значајно што медиумската сфера по 10 години за прв пат е ослободена од политички притисоци, а напредокот во областа на медиумите е нотиран и во Извештајот на Европската комисија за Македонија.
– Овој ден Македонија го одбележува во демократска слободна и европски ориентирана држава. Денес има можности за повеќе критички текстови од пофалби, има можности за сугерирање. Денес има гласност, наспроти молк. Искусивме дека молкот и цензурата резултираа со назадување. Слободно изречениот збор создава вредности и квалитет во општеството, рече Поповски.
Во врска со заканите од страна на вицепремиерот Кочо Анѓушев, Поповски потенцира дека е значајно што некој што сфатил дека згрешил, да се поправи.
– Многу е значајно кога некој функционер ќе повика на разговор, или презентација на аргументи и факти, и осоебно е значајно некој што сфатил дека згрешил да се поправи понатаму. Во минатото имавме бркање новинари по улица, физички напади, сега нема ниту еден физички напад или закана. Оваа Влада има нула толеранција. Премиерот Заев се извини во име на член на Владата, па ви значи ли тоа нешто или и тоа нема врска со минатото?, изјави Поповски.