Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, денеска ќе престојува во Софија, Република Бугарија, каде што ќе има средба со министерот за одбрана, Красимир Каракачанов, и ќе учествува на меѓународната конференција „Кон нов одбранбен идентитет на ЕУ“.
Во фокусот на средбата со бугарскиот колега ќе бидат повеќе прашања од соработката меѓу двете земји, како и претстојниот самит на НАТО во Брисел и предизвиците што го очекуваат регионот.
Шекеринска, и повеќе истакнати учесници, меѓу кои и германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен, претседателот на Австрискиот институт за европска и безбедносна политика и поранешен министер за одбрана на Австрија, Вернер Фаслабенд, поранешниот амбасадор на САД, Филип Рикер, ќе имаат свои обраќања на конференцијата.
Оваа година меѓународната одбранбена конференција во Софија ќе се посвети на потребата на ЕУ за развој на нов безбедносен и одбранбен идентитет, кој ќе се справи со предизвиците, како нестабилноста на јужните и источните граници на ЕУ, тероризмот и радикализацијата, мигрантските бранови, враќањето на борците терористи од боиштата и новите хибридни и сајбер-закани.
Конференцијата е организирана од Софискиот одбранбен форум, Австрискиот институт за европска и безбедносна политика, фондацијата „Конрад Аденауер“ и од центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“.