Триесет и осум години од смртта на Јосип Броз Тито
На денешен ден пред 38 години почина доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија Јосип Броз Тито (1892-1980).
Тито беше водач во борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година. Беше долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините вооружени сили од крајот на Втората светска војна до смртта во 1980 година. Тој беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, во кое беа обединети земји од неколку континенти кои не припаѓаа на ниеден од двата доминантни во тоа време западен и источен блок – НАТО и Варшавскиот договор.
Мислењата за неговата улога и дело се спротивставени. За едни тој е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот, голем надворешно-политички углед, а за други диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици.
Јосип Броз Тито почина на 4 мај 1980 година во Клиничкиот центар во Љубљана. Погребан е на Дедиње во Белград во Куќата на цвеќето. Неговиот гроб досега го посетиле над 20 милиони луѓе.