Средба Заев – Иванов
Премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов денеска се сретнале во вила Водно. Разговарале за кандидатот за гувернер на НБРМ.
Претседателот Ѓорге Иванов не отстапува од својот предлог Димитар Богов повторно да биде Гувернер на Народната банка. На денешната втора средба со премиерот Зоран Заев тој уште еднаш му ги образложил причините зошто смета дека Богов треба да биде реизбран и по втор пат да седне на гувернерската фотелја.
„По сите тие консултации што ги одржав, а имајќи ги предвид досегашните успешни резултати во работењето на Народната банка на Македонија и врз основа на долгогодишното искуство во оваа област, сметам дека Димитар Богов е најквалитетна, најпрофесионална и најсоодветна личност за извршување на оваа функција“, смета Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија.
Премиерот Заев пак, попладнево искоментира дека Богов нема да ја има поддршката од парламентарното мнозинство.
Откако Иванов го достави предлогот за Гувернер до Собранието, партиите излегоа со спротивставени ставови. Од ДУИ за иден гувернер го кандидираат Фатмир Бесими кој сега му е советник на Заев, а според информациите на Алсат М позади него стои и СДСМ. Инаку, нов гувернер се бира по предлог на Претседателот, со просто мнозинство, односно со 61 глас во Собранието. Во моментов владеачкото мнозинство СДСМ и ДУИ може да изберат гувернер, но не можат да предложат кој да биде.