Рочиштето за предметот на СЈО „Тортура“ што денеска требаше да се одржи во Кривичниот суд во Скопје е одложено за 13 јуни поради отсуство на третообвинетиот Новица Станковски.
Одбраната достави медицинска документација, за која тврди дека го оправдува неговото отсуство од денешното рочиште.
Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски побара документацијата да биде посериозна бидејќи, според него, од денеска доставената можело да се види само дека Станковски примал некоја терапија.
Судијката Александра Ристевска побара на следното рочиште да биде доставена дополнителна медицинска документација.
Во Судот денеска дојде првообвинетиот Сашо Мијалков, поради чие отсуство беше одложено претходното рочиште на 23 март. Во Кривичниот суд дојдоа и останатите обвинети во овој предмет.
„Тортура“ се однесува на начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
Во „Тортура”, покрај Мијалков, обвинети се и поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.