Александар Наумоски денеска во општина Разлог се сретна со Красимир Герчев.

Градоначалниците остварија прва плодна и успешна средба на која беше разговарано за теми од заеднички интерес.

Од страна на градоначалникот Герчев на македонската делегација и беа презентирани проекти кои тие ги имплементираат во нивната општина, воглавно финансирани од Европската унија, а во голем дел се однесуваат на сочувување на животната средина и изградба или обнова на енергетски ефикасни објекти. Фокус беше ставен и на проблемот со кој се соочуваат доста општини и од двете страни-депониите. Наумоски нагласи дека единиците на локалната самоуправа во Република Македонија, заедно со Владата, интензивно работат на решавање на проблемот со неовластено депонирање и недостиг на места за извршување на оваа активност.

  Во тој контекст, тој го информираше бугарскиот колега дека е донесена одлука од страна на македонската Влада за нова претоварна станица во која ќе учествуваат по неколку општини, со што се очекува големо олеснување на проблемот. Двајцата градоначалници се согласија и дека потребна е и засилена контрола и поголеми глоби за прекршителите на законот, како важен сегмент за решавање на депонирањето на недозволени места. Воедно, дегацијата од Ѓорче Петров присуствуваше и на почнување со реновирање на зграда во Разлог, чиј старт го означи Герчев, што вклучува нова фасада, покрив, прозори и подови во домовите, со што ќе се добие целосно нов изглед на зградата, како и енергетски ефикасен објект. Овој проект со средства од Европската унија веќе се имплементира во оваа општина, односно досега се опфатени доста јавни и општествени објекти низ Разлог. Во таа насока, општина Ѓорче Петров неодамна со здружението “Хабитат Македонија” потпиша Меморандум за соработка кој вклучува сличен проект за зградите во населбата.

Денешното искуство беше одлично за да се увиди како на сличен начин изгледа имплементација на проект за енергетски ефикасни згради што во Ѓорче Петров во наредниот период ќе се одвива преку субвенции за нови фасади и покриви. Наумоски и Герчев се согласија и во иднина да работат со меѓусебна помош и поддршка, преку размена на идеи и искуства. Посетата на општина Разлог продолжува и утре. На делегацијата од Скопје ќе и биде презентиран нов проект кој го имплементирала оваа општина со помош од ЕУ, а исто така се однесува на сочувување на животната средина, како искуство кое во иднина би било значајно за општина Ѓорче Петров.

 

Треба да знаете
Последни објави