Француските политичари на чело со претседателот Емануел Макрон се налутија кога Европската комисија сигнализираше дека англискиот ќе остане главен јазик во Брисел по брегзитот, и покрај обидите на Макрон да го замени со францускиот јазик.
Според новиот предлог, финансирањето на англискиот јазик ќе продолжи и по излегувањето на Велика Британија од Унијата следната година.
„Нема да има измени во буџетот кај преводот и услугите за толкување на англискиот јазик“, соопшти Европската комисија.
Макрон неодамна изјави дека ситуацијата сега е парадоксална.
„Англискиот јазик најверојатно никогаш не бил поприсутен во Брисел како сега, во период кога разговараме за брегзитот“, рече Макрон и вети дека ќе се бори за поголема употреба на францускиот јазик во институциите на ЕУ и пошироко. Тој најави и мерки за унапредување на учењето на францускиот јазик во други земји, како и мрежа на француски гимназии.
Макрон инсистираше на тоа дека неговото залагање не е против употребата на англискиот јазик, туку повеќе за промовирање на повеќејазичноста.
Околу 274 милиони луѓе во светот зборуваат француски јазик, кој долго време беше доминантен во седиштето на ЕУ во Брисел. Но, англискиот јазик е сè поприсутен во европските институции, посебно откако источноевропските земји станаа дел од ЕУ во 2004 година.