„Ај кју“ (Eye Cue) со песната „Lost and found“ вечер во арената „Алтис“ во Лисабон под реден број 11 ќе ја претстави Република Македонија на првата полуфинална вечер на 63. Избор на песна на Евровизија 2018, на кој годинава учествуваат 43 земји.
Автор на музиката и текстот е Бојан Трајковски, гитарист, композитор и вокал во „Ај кју“ во кое членува заедно со пејачката Марија Ивановска и тапанарот Иво Митковски. Автор на аранжманот на нивната композиција е продуцентот Дарко Димитров.
„Ај Кју“ ќе се натпреварува за влез во финалето со изведувачи од уште 18 земји. Ќе бидат избрани претставници од десет земји кои заедно со десетте од втората полуфинална вечер на 10 мај ќе влезат во големото финале во сабота (12 мај). Гласовите од полуфиналните вечери се добиваат по половина од телевоутинг и од националните жирија и може да гласаат сите земји што учествуваат вечерта.
Натпреварот оваа вечер ќе го отворат претставниците на Азербејџан, а последни, 19-ти на листата меѓу вечерашните учесници, се претставниците на Кипар. Во првото полуфинале се и: Исланд, Албанија, Белгија, Чешка, Литванија, Израел, Белорусија, Естонија, Бугарија, Хрватска, Австрија, Грција, Финска, Ерменија, Швајцарија и Ирска.
На второто полуфинале задутре се композициите на 18 земји: Норвешка, Романија, Србија, Сан Марино, Данска, Русија, Молдавија, Холандија, Австралија, Грузија, Полска, Малта, Унгарија, Летонија, Шведска, Црна Гора, Словенија и Украина.
Во финалето на 12 мај ќе се натпреваруваат 20 земји избрани во двете полуфиналиња и уште шест земји – домаќинот Португалија и големата петорка: Франција, Германија, Италија, Шпанија и Обединетото Кралство. Од тие 26 земји ќе се избере победникот за 2018 година кој ќе биде и домаќин на следната Евровизија.
Победата на Португалија лани од Киев и ја донесе пејачот Салвадор Собрал со баладата „Amar pelos dois“ (Љубов за двајца) која ја напиша неговата сестра.
Годинашната песна за претставување на Македонија „Lost and found“ беше избрана по распишаниот јавен повик на кој пристиганле 382 композиции. Македонската радиотелевизија, која го организираше изборот во февруари, соопшти дека „Lost and found“ имала убедливо најголем број гласови и дека осумчлената комисија едногласно заклучила дека „избраната композиција на евровизиската сцена најдобро ќе ја донесе групата ’Ај кју’“.
– Комисијата е едногласна во ставот дека одбраната композиција има современ звук, впечатлив рефрен и текст, извонредни и оригинални вокални способности на изведувачот, што секако нуди и можност за квалитетен евровизиски пакет и достојно претставување на Македонија на оваа престижна музичка манифестација во организација на ЕБУ, соопшти пред три месеци МРТ која е носител на лиценцата на Избор за песна на Евровизија и ќе ги пренесува трите натпреварувачки вечери со почеток во 21 часот.