Јас верувам дека следниот викенд ќе можеме искрено, отворено и со одредени алтернативи и креативни решенија коишто доаѓаат и од наша страна и од страна на Грција да ги доближиме позициите, изјави премиерот Зоран Заев.
Тој рече дека очекува на маргините на Самитот на Советот на Европа во Софија за Западен Балкан да има средба со премиерот на Грција, Алексис Ципрас.
„Во однос на прашањето за името, секогаш ако има нешто ново ние ја информираме јавноста за тоа. Поврзано со проблемот којшто Грција го има со нашето уставно име, во последно време нема некои новини коишто би ги споделиле. Знаете дека наближува Самитот во Софија, наближува Совет на Европа… сето тоа е во најмала рака обид да се обидеме барем до тие датуми, секако тоа не е никаков дедлајн, да се изнајде решение“, рече Заев.
Јас, додаде тој, давам шанса на процесот. „Мислам дека најдобар и неповторлив момент е токму сега да се изнајде решение за овој долгогодишен проблем“, рече Заев.