Сообраќајна сигнализација за поголема безбедност пред училиштата во општина Аеродром
Сообраќајни знаци ќе бидат поставени пред дел од основните училишта во општина Аеродром со цел зголемување на безбедноста на учениците и другите учесници во сообраќајот.
Како што информираат од оваа скопска општина, првата фаза опфаќа одбележување пешачки премини и поставување сообраќајни знаци на улицата пред основното училиште „Александар Македонски“ и клонот „Сонце“ на детската градинка „Бубамара“ во Реонски центар, како и на улицата пред основното училиште „Блаже Конески“ во населбата Мичурин. За наредниот период планирано е и поставување вертикална и хоризонтална сигнализација и пред основното училиште „Браќа Миладиновци“ во населбата Острово.
Инаку, за овој проект од буџетот на Општината се издвоени околу милион денари.