Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје продолжи со засилените сообраќајни контроли на подрачјето на Скопје со цел спречување на организирање и учество на диви трки на мотоциклисти на улиците „Џон Кенеди“, „Лазо Трповски“ и „Втора Македонска бригада“.
Така, и во текот на изминатата ноќ биле извршени контроли и притоа биле регистрирани 21 прекршок за кои се издадени 21 платен налог на прекршителите. Двајца од учесниците немале лични документи и документи за мотоциклите и затоа биле приведени во Полициската станица Бит Пазар за понатамошна постапка.
Во претходните две акции на полицијата беа регистрирани 38 прекршоци. Секторот за внатрешни работи Скопје и во наредните денови ќе продолжи со спроведување редовни контроли за спречување на организирање и учество на диви трки на мотоциклисти во Скопје.