Лика и Бектеши можно е да се збогуваат од министерските столици
Министрите на ДУИ како и замениците- министри и другите функционери добиле жестоки критики на Централното претседателство на партијата, брифира за Плусинфо висок функционер на партијата на Али Ахмети.
Најжестоко на тапет биле вицепремиерот за Рамковниот договор Хазби Лика и министерот за економија Крешник Бектеши за досегашната работа во Владата. Забелешки, но помали имало речиси за сите министри на ДУИ од кабинетот на премиерот Зоран Заев.
-Централното претседателство му даде одврзани раце на претседателот Али Ахмети да реши дали ќе му предложи на Заев да смени некои од министрите на ДУИ, но и да пресече со кои од помалите партии би се проширил владиниот состав, каки за рокади на министерства помеѓу СДСМ и ДУИ- вели функционерот на ДУИ за плусинфо.
Лика бил на тапет на Централното претседателство, бидејќи тој како вицепремиер ја координира работата на министрите од тимот на ДУИ. Според функционерот сите министри добиле критики, но најмногу Лика оти потфрлил во координацијата. На адреса на Лика имало забелешки и за доцнењето со прераспределба на раммовно вработените, но и дека се уште во значителен дел од институциите нема Албанци на битни позиции.
Значајни забелешки имало и за министерот за економија Бектеши, додека подобро поминале вицепремиерот Бујар Османи и министерот за екологија Садула Дураку.
Според ова нема да биде изненадување доколку Ахмети му предложи на Заев смена на некои од своите министри. Според нашиот извор, извесна е рокада на министерствата за правда и образование. Сепак, од ДУИ велат сѐ е во рацете на Ахмети.
ДУИ преку соопштение обелодени дека првата фаза од состанокот на Претседателството на ДУИ која почнала на 16 март за да се изгради стратешка, ориентирачка и кадровска политика на програмата за наредните две децении, заврши со маратонскиот состанок на партискиот врв во петокот, каде што беа донесени заклучоци за континуитетот на спроведувањето на програмата од страна на извршната власт, како и се разгледуваа извештаите на локалните власти и програмските приоритети за општините.
– Серијата на состаноците на Претседателството вклучи детални извештаи на првите луѓе од власта, која заврши со концизни програмски заклучоци за имплементација во однос на подигање на квалитетот во образованието, здравството, културата, фер адекватна и квалитетна застапеност, зголемена децентрализација, локална политика, економски развој и социјална добросостојба, животна средина, инфраструктура… – се вели во соопштението.
Претседателството на ДУИ го разгледал и напредокот во спроведувањето на програмата за секој дел од власта посебно и дале конкретни упатства за продолжување на работата во духот на исполнување на изборните ветувања и адресирање на очекувањата на граѓаните.
– На овие состаноци беа дискутирани и политичките прашања, вклучувајќи го проблемот со името, односите со соседите, интеграцијата во НАТО, системските реформи, извештајот за напредокот на Европската комисија, преговорите со Европската унија, проширувањето на парламентарното мнозинство, јазичната еднаквост. Претседателството го констатираше успешниот и ветувачки тек на преговорите за надминување на последната пречка во правец на целосна Евроатлантска интеграција и ги охрабри властите храбро да пристапат кон затварање на долгогодишниот спор со Грција во периодот пред нас – стои во соопштението.
Ахмети најавил дека конгресотна партијата ќе се оддржи во јуни.
Извор: Плусинфо