Година ипол затвор за гинекологот кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена
Николче Дамчевски, гинекологот кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена од Основниот суд Скопје 1 денеска е осуден на година ипол ефективна казна, затвор, а изречена му е и забрана за вршење дејност во траење од осум години.
Дамчевски пред судот ја призна вината.
Адвокатката на оштетената, Ирена Фрчкоска, за Либертас изјави дека не се задоволни од изречената казна.
-Не сме задоволни од изречената казна. Особено имајќи ја предвид специфичноста на кривичниот настан и начинот на кој се сторени кривичните дела од страна на обвинетиот. Во понатамошната постапка ќе ги искористиме сите правни инструменти во насока на задоволување на правичноста и во насока на превенција вакви и слични кривични дела да се повторат – изјаци фрчкоска.
Според обвинението тој, иако знаел дека оштетената не е бремена, вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање.
Непосредно пред денот за кога било договорено наводното пораѓање на пациентката најпрвин на сопругот на оштетената, а потоа и на оштетената ја открил вистината за лажната бременост.
Извор: Либертас