Вештачењето на Павле Гацов по наредба на СЈО ќе биде доказ против Драган Павловиќ – Латас во случајот „Тотал“. Судот не најде дека треба да го одбие во оваа фаза вештачењето на стручното лице. Во постапката ќе биде сослушан и вештакот.
Судијката образложи дека и Советот за оценка на обвинителниот акт не се произнел негативно за вештачењето кога го ценел обвинението. Судот не го прифати предлогот на адвокатите на Латас да не се изведуваат 40 бомби на СЈО во постапката.
Според судот, бомбите се влезени во правниот поредок и за тоа има решение на Апелациониот суд. Не е прифатено барањето за издвојување на доказите за правните лица со кои управувал Латас поради застареност бидејќи, според судот, станува збор за продолжено кривично дело. Следното рочиште е закажано за 30 мај. Судот определи и две дополнителни рочишта, на 2 и на 11 јули.
Во предметот „Тотал“ обвинет е Драган Павловиќ – Латас, заедно со три фирми: „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ, „Тотал медиа центар“ и „Медиамакс“, каде што тој се јавува како сопственик или управител. Судењата досега се одложуваа поради лични и семејни причини на обвинетиот. Според обвинението, Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок. Тој и правните лица давале лажни податоци за даночните обврски. Латас како управител на компаниите ја намалил основицата за данок и не пријавил лични приходи. Тој набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен. Овие средства биле евидентирани како основни средства и тековни трошоци, а Латас ја намалил обврската и по основа на ДДВ. Износот за добра и набавени услуги Латас не го пријавил во годишната даночна пријава.