Амди Бајрам ќе биде дел од Влада
По повеќемесечни преговори за влез во Влада, Африм Гаши, Мендух Тачи и Амди Бајрам му подадоа рака на премиерот Зоран Заев. БЕСА најверојатно го добива Министерството за култура, ДПА за странски инвестиции, а Сојузот на ромите нема да има министер.
По оваа прва фаза, Заев ќе продолжи да рзговара со други политички субјекти. Потсетува дека овој договор треба да биде потврден од раководните тела на сите партии. Централното Собрание на ДПА веќе донесе одлука: ќе му предложи на Заев министер за инвестиции да биде поранешниот пратеник Бардуљ Даути, а заменик министер за транспорт и врски – инженерот Митасим Беќири. Пред седницата, Тачи изјави дека лесно ќе биде прифатена вака конкретна и коректна понуда од премиерот.
Вечерва се очекува одлука и од Централниот одбор на БЕСА. Од крилото на Гаши ја демантираат шпекулацијата дека поранешниот пратеник и потпретседател Зекирија Ибраими е идниот министер за култура, но потврдуваат дека е постигнат договор за влез во Влада. Крилото на Билал Касами веќе соопшти дека се повлекува од преговорите, незадоволно од понуденото заменичко место. Со влегувањето на овие две партии во власта, парламентарното мнозинство ќе се зголеми за пет пратеници. Заев ќе може да смета на вкупно 67 пратенички гласа.