На секои четири часа ограбен стан во Скопје
Провалници ограбуваат станови во Скопје на секои четири часа, или близу шест домови на скопјани секој ден во просек се на мета на провалници, покажува статистиката на полицијата. Она што е невообичаено од досегашната пракса е дека скопската населба Аеродром му го зема приматот на Центар, според бројот на тешки кражби извршени во станови или куќи.
Статистиката на МВР покажува дека од 1 јануари до 31 март годоинава биле извршени 700 тешки кражби во станбени објекти на целата територија на Македонија. Од нив на подрачјето на СВР Скопје евидентирани се 19 кривични дела кражби и 483 тешки кражби извршени во станови и куќи.
На кривичните дела од областа на имотните деликти, кои во најголем процент се однесуваат на тешките кражби, отпаѓаат најголем број од кривичните дела од класичниот криминалитет.
Според статистиката, од 2015 до 2017 година во земјава во просек се случувале над 10.500 тешки кражби, од кои околу 2.600 биле во станови или куќи, од кои преку 70 отсто се во главниот град на државата. При тоа полицијата остварила ефикасност од околу 22 отсто, додека процентот на расветлени кражби во Скопје е помал и се движи над 15 отсто. Освен во станбени објекти, во тешки кражби се вбројуваат и кражби извршени во возила, викендички, подруми, магацини,продавници и други објекти. Тие од година во година бележат пораст, иако бројот на останатите дела се во намалување или стагнација.
Сепак, најчести се кражбите во домовите, кои по правило носат најголема заработка на крадците. Искусните провалници најчесто ограбуваат станови во кои знаат дека има пари или накит, односно ги следат нивните сопственици за да го изберат најдобриот термин кога да ги ограбат. Арамиите во најголем број на случаи крадат пари, златен и скапоцен накит, техничка стока и други предмети.
Според полицијата, тешките кражби во станови најчесто се вршат во временскиот период од 8 до 16 часот, а провалниците во куќите во најголем број на случаи провалуваат во времето од 16 часот до полноќ.
Модусот на извршување на овие кривични дела е различен, но како најчести се провали со употреба на физичка сила или користење на погоден предмет со делување на влезните врати, потоа со насилно отворање на прозорците или со прекачување преку балкони. Исто така се регистрираат повеќе случаи на тешки кражби во станови со употреба на подесен клуч од блиндирани врати, без да се оштети бравата.
Па така на крајот на март од стан во скопската населба Кисела Вода биле украдени 15.000 евра. Кражбата се случила во домот на И.И. на улицата Христо Татарчев. Крадецот провалил внатре со подесен клуч, калауз и ја отклучил влезната врата по што го пребарал станот и ги украл парите.
На почетокот на март, пак, скопјанка останала без накитот вреден над 13.000 евра, украден од нејзиниот стан. Според полицијата, кражбата се случила вчера во домот на Л.Ј.(62), која не била во станот во периодот од 08.10 до 13.35 часот. Додека таа не била дома крадецот провалил во станот така што со подесен алат ја отворил влезната врата. Потоа ги пребарал собите каде нашол поголема количина златен накит, два рачни женски часовници „касио“ и неколку комплети женски накит „сваровски“ по што избегал.
Според статистиката на СВР Скопје, во првите три месеци од годинава најмногу станови и куќи биле ограбени на подрачјето што го покрива ПС Аеродром- 114, па следат ПС Центар- 110, ПС Карпош- 90, ПС Чаир- 48, ПС Гази Баба- 44, ПС Ѓорче Петров-35, ПС Бит Пазар- 31, Кисела Вода- 20 и ПС Драчево- десет стана.