На денешното рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“ судијката Џенета Бегтовиќ соопшти дека ќе почекаат Врховниот суд во Грција да донесе одлука за екстрадицијата на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошкоски по што ќе одлучи по барањето на специјалното јавно обвинителство дали за нив двајца ќе се води посебна судска постапка. Ова е четврто одложување на предметот на СЈО за масовното прислушување во државата.
Сите досегашни рочишта беа одложувани поради истата причина, односно поради отсуство на Грујевски и Бошкоски. Денеска во судницата се појавија обвинетите Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски и други службеници од УБК. Обвинителот Трајче Пеливанов на денешното рочиште побара за двајцата обвинети да се води посебна судска постапка.
Се очекува Врховниот суд на Грција на 18 мај да ја соопшти одлуката за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски, кои се наоѓаат во притвор кога во октомври минатата година беа уапсени на аеродромот во Солун со лажни бугарски пасоши.
Обвинението за предметот е поднесено на 30 јуни минатата година. Според него, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броја без судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.