Поручникот на АРМ Александра Бошковска по вчерашното преземање на должноста командир на првата чета во првиот механизиран пешадиски баталјон во Куманово, стана прва припадничка во досегашната историја на АРМ која ќе командува со единица во чија мисија е извршување и борбени задачи.
Поручник Бошковска воена академија завршила во 2014 година во Скопје. Водот со кој командуваше и работеше, во 2016 година на одбележување ден на единицата, а врз основ на критериумите и спроведените интерни процедури беше избрана за најдобар вод во баталјонот за што доби пехар и знаме за најдобра единица.
Од АРМ информираат дека придржувајќи се до Програмата за еднакви можности на мажите и жените во Министерството за одбрана и АРМ, бројот на припаднички на АРМ постојано се зголемува достигнувајќи го сегашното ниво од речиси девет отсто од севкупниот состав на АРМ. Од вкупниот офицерски кадар на АРМ, 13,73 отсто се жени.
Во АРМ две жени имаат офицерски чин – полковник, а поголем број се со чинови потполковници и мајори.
Покрај првото поставување на командирска должност на припадничка на АРМ во борбена единица, имаме жена командант на Воено Медицинскиот центар (во ранг на баталјон), заменик на командант на логистички баталјон, како и командири на две чети кои извршуваат борбено сервисна поддршка.