Заев ја почнува посетата на Софија, планирана средба со Ципрас
Демократија што испорачува: Десет години после откочувањето на потенцијалите на Западен Балкан“ е темата на која премиерот Зоран Заев ќе говори денеска на конференција во Софија, со што ќе ја почне својата посета на главниот град на Бугарија, кој утре е домаќин на Самитот ЕУ- Западен Балкан.
Конференцијата на која ќе говори премиерот е во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и на тинк-тенк организациите Центар за демократски студии и Балканскиот европски фонд, како и на Самитот на лидери и шефови на влади на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), а е дел од активностите на Заев во Софија, кој ја предводи владината делегација на самитот.
Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти се теми на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, а кој се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ. На самитот ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и од регионот. Со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.
Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот на 17 мај.
Во фокусот на вниманието е најавената средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Заев и Алексис Ципрас, која треба да се одржи утре на маргините на самитот и која иако беше најавувана како клучна во процесот на решавање на спорот за името, сепак, последните изјави и од македонската и од грчката страна се проткаени со воздржаност дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.
– Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но неможам да кажам дека имаме договор за прашањето за името, изјави вчера Заев и изрази надеж дека двете страни ќе постигнат договор.
– Се надевам дека ќе имаме договор. Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на маргините на Самитот на ЕУ и Западен Балкан и на средбата што ќе ја имам со грчкиот премиер Ципрас ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и ако не друго да проговориме за начините за изнаоѓање на решение, рече Заев.
Во контекст на тоа додаде дека сака уште еднаш граѓаните да знаат дека Самитот во Софија не е „дедлајн“, туку пред се Самитот на Советот на ЕУ кога се одлучува од страна на премиерите или на претходниот состанок на Советот на ЕУ кога се очекуваат првите правно-формални одлуки кои се однесуваат на Македонија, а тоа е добивање датум за преговори.
Ципрас, пак, вчера имаше телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет Туск околу напорите за изнаоѓање решение, како и за подготовките за претстојниот Самит на ЕУ- Западен Балкан.
– За време на разговорот, претседателот Туск ги поздрави напорите што ги прави грчката Влада за решавање на разликите со нејзините соседни земји, што исто така е предуслов за нивна интегративна перспектива. Премиерот потенцираше дека Грција секогаш ќе има конструктивна улога за стабилноста и развојната перспектива на Балканот, соопшти кабинетот на Ципрас.
Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос вчера изјави дека во преговорите е направен значителен напредок, „но сѐ уште не сме блиску до исходот од преговорите и постигнување договор“. Претстојната средба на двајцата премиери ја оцени како исклучително корисна и важна.
– Но, во никој случај не можеме да предвидиме дека ќе се постигне договор и многу веројатно дека ќе биде потребна и следната рунда со цел да се покрие дистанцата што ги дели двете страни, рече и додаде дека грчката Влада продолжува „стабилно и одлучно да ја брани националната линија за сложено име, што ќе важи за сите, нешто за што предуслов, по дефиниција е ревизија на Уставот”.
Во однос на евентуалниот меѓународен договор меѓу двете земји, што би содржел и како би се имплементирал, Ѕанакопулос вели дека „останува уште доста пат да се изоди за да се стигне до онаа точка кога ќе се разговара за правно-техничките детали на еден можен меѓународен договор меѓу двете страни”.
Грчкиот весник „Катимерини“ вчера објави дека врз основа на три различни текстови, два од министрите за надворешни работи, и еден од медијаторот, Скопје и Атина продолжуваат да бараат решение. Според весникот, ниту еден од овие текстови не е конечен и дефинитивен. Во изминатите денови со брз ритам се пишуваат, се бришат, се разменуваат, сè со цел да има напредок пред средбата на премиерите на двете земји во Софија, а главната разлика во разговорите и понатаму е ерга омнес.
– Според информациите, врз база на подготовката што беше направена, основно сценарио за разговорите на двајцата лидери ќе биде она за склучување меѓународен договор, што ќе треба да биде одобрен од парламентите на двете земји. Во овој текст, според информациите, ќе постои условеност, интеграцијата на ПЈРМ во НАТО да „се отклучи“ кога ќе се направи ревизија на Уставот на соседната земја и на овој начин ќе се гарантира ерга омнес. Постои сериозна веројатност двајцата премиери да се сретнат два пати, во среда вечер и во четврток наутро, објави „Катмерини“.
Од Брисел, пак оптимизам дека Грција и Македонија ќе постигнат договор во јуни. – Сѐ уште нема среќен крај и нема да има оваа недела, но има добар напредок. Она што е важно е да има решение за грчко-македонскиот спор на почетокот на јуни, тоа би можело да е клучно за позитивна одлука на Европскиот Совет во јуни, изјави висок дипломат во Брисел.
Премиерот Заев на Самитот во Софија утре ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“ (Conectivity), а за време на работниот ручек на шефовите на држави и влади со највисоките претставници на телата на ЕУ ќе има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.
На маргините на самитот, освен со Ципрас, како што соопшти владината прес-служба, планирани се билатерални средби со претседателот на Франција Емануел Макрон, со германската канцеларка Ангела Меркел, како и со премиерот на Холандија Марк Руте. Во агендата на премиерот Заев се испланирани и билатералните средби со премиерите на Австрија, Шведска и Естонија, Себастијан Курц, Стефан Лофвен и Јури Ратас.
За време на престојот на Заев во Софија е организирана и средба со Кристалина Георгиева, извршна директорка на Светска банка.
Заев со вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори Кочо Анѓушев на 18 мај ќе учествува и ќе има свое обраќање на Виенскиот економски форум, кој ќе се одржи на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија.