И Заев и Мицкоски велат дека се подготвени за ТВ-дуел, но оставаат другиот да избере време и место.
Од Владата велат дека премиерот е подготвен во секое време и на која било национална телевизија да дебатира на сите теми од интерес за јавноста. Останува само да се прецизираат времето и локацијата, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски по вчерашното барање од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се соочат на ТВ-дуел наместо на тет-а-тет средба во премиерскиот кабинет.
– Основниот принцип на работа на премиерот Заев е отвореноста и така функционира и Владата. Со години бараме дуел, секогаш сме биле подготвени, комуницираме двонасочно и како Влада секогаш сме отворени за дуели, дебати и новинарски прашања на прес-конференции – рече Бошњаковски.
Со сличен став се и во ВМРО-ДПМНЕ. Упатуваат на синоќешната изјава на Мицкоски дека нивниот лидер е подготвен да дискутира за преговорите, но и за сите погрешни политики на власта во економијата, образованието, здравството…
– Повеќе телевизии веќе доставија покани за гостување, чекаме Заев да избере време и место – велат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Во медиумскиот простор речиси 20 години отсуствува дуел на лидерско ниво. Експремиерот Никола Груевски со години одбегнуваше да се соочи со Заев како опозициски лидер, а јавноста не го виде во ТВ-дуел ниту со Црвенковски, кој неколкупати јавно го покани да си ги одмерат силите во телевизиско соочување. Последниот ТВ-дуел беше во 1998 помеѓу тогашните лидери Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски.