В недела сите на Водно на „Прв до врв“
В недела на 20 мај ќе се одржи шестото издание на планинскиот спортски настан „Прв до врв 2018“ на скопско Водно.
И годинава најавени се трки во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, како и традиционалниот пикник на целта кај врвот, а по завршувањето на трките, предвидена е музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.
Оваа година се очекува да учествуваат над две илјади натпреварувачи со најголем број учесници од странство досега.
Пријавувањето за учество е сè уште отворено преку веб-страницата www.prvdovrv.mk. Регистрираните учесници ќе може да ги подигнат своите стартни пакети в четврток, петок и в сабота на плоштадот Македонија, а оние што доаѓаат од другите градови и држави тоа ќе може да го сторат и в недела на денот на трката, од 8 до 9 часот кај ОУ „Кочо Рацин“.
Настанот го организира здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ во соработка со Град Скопје и со поддршка на деловната и општествената заедница.