Се зголемува бројот на бугарски туристи во Македонија

Во рамки на посетата на Република Бугарија, во предвечерјето на Самитот ЕУ-Западен Балкан, министерот за економија Крешник Бектеши оствари работна средба бугарската министерка за туризам Николина Ангелова, соопшти кабинетот на министерот.

 

Бектеши го изрази задоволството од континуираниот пораст на бројот на бугарски туристи во Македонија, наведувајќи го податокот дека во 2017 година речиси 50 илјади посетители од Бугарија ја посетиле Македонија, при што се остварени околу 80 илјади ноќевања.

Според статистичките податоци што ги презентираше Бектеши, бројот на бугарските туристи што ја посетиле Македонија во 2017 во однос на истиот период од претходната година се зголемил за 24 отсто, а исто толку и бројот на ноќевања во овој период, додека во интервалот јануари-март 2018 земјава ја посетиле околу 10 илјади бугарски гости, кои оствариле 14 илјади ноќевања, што претставува зголемување за 21 отсто, односно 14 проценти во однос на истиот период минатата година.

Ангелова, пак, изрази задовлство што во зимската сезона македонските туристи со задоволство ги избираат бугарските скијачки центри, што покажува дека туристите од двете земји имаат слични вкусови за содржините на туристичката понуда и наоѓаат за нив атрактивни тури во соседството, а потпишаниот Протокол за намери за соработка во областа на туризмот меѓу владите на Македонија и Бугарија минатата есен, веќе ги дава своите ефекти за јакнење на соработката во областа на туризмот, како сектор со висок потенцијал, за придонес кон севкупниот економски развој во двете земји.

Бектеши и Ангелова се согласија дека за привлекување на туристи од далечните пазари е неопходно создавање регионална туристичка рута, а за таа цел веќе е формирана работна група од двете земји, која до оваа есен треба да изготви предлог на заедничка туристичка понуда, која би можела да опфати и други земји од регионот кај кои има интерес, со што на светскиот турист на мало растојание ќе му бидат понудени различни атрактивни содржини.

Бектеши изрази подготвеност оваа иницијатива и официјално да ја сподели со другите колеги од регионот, а беше предложено наредниот период да се организираат средби на двете страни со претставници на локалната самоуправа од туристичките места, туроператорите, хотелиерите и нискобуџетните авиопревозници, со цел вклучување на туристичкиот сектор во дефинирање на заедничките активности за настап на далечни туристички пазари, се наведува во соопштението.

Ангелова предложи да се разгледа и можноста за заедничко аплицирање за ИПА проекти за меѓугранична соработка, особено во делот на туризмот и инфраструктурата, со што ќе биде олеснет и пристапот за инвестиции во регионот, што е одличен начин за планско и здружено решавање на предизвиците што значат економски развој за двете земји.

Бектеши истакна дека заложбите на македонската Влада се брза реализација на железничката линија кон Бугарија од македонска страна, но и потребата од забрзување на изградбата на патот Куманово-Крива Паланка, што покажува дека инфраструктурата, како основа за брз проток на туристи, претставува приоритет на владините политики.

Треба да знаете
Последни објави