Заев денес ќе ја слушне пресудата за „Поткуп“
Пресудата за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев ќе биде објавена денеска во Кривичниот суд.
На минатото рочиште обвинителката Валентина Бислимовска побара измена на правната квалификација на обвинителниот акт и наместо за примање поткуп, обвинетиот Зоран Заев да биде осуден за барање поткуп. Обвинителката за ова кривично дело побара од Судот на Заев да му се изрече осудителна пресуда, која, според законот, е од една до пет години затвор. Казната, пак, за делото примање поткуп е најмалку пет години затвор.
Бислимовска рече дека од сите изведени докази во главната расправа не произлезе дека обвинетиот Зоран Заев прибавил каква било имотна корист. И сведокот Иван Николов кажал дека не дал пари и дека Заев не примил поткуп. Обвинителката додаде дека Николов не бил јасен, ги менувал ставовите и дал различни изјави пред Јавното обвинителство и во судот.
Адвокатот Филип Медорски, меѓу другото, посочи дека од доказите на Обвинителството и од изјавите на сведокот Иван Николов не произлегува дека Заев побарал пари и поради тоа побара обвинетиот да биде ослободен од обвинението.
Заев очекува ослободителна пресуда во овој судски процес, бидејќи како што изјави, се работи за монтиран случај со цел да биде спречен да ги објави „прислушуваните разговори“.
Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.