Од денеска почнува изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш
Од денеска почнува изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 23,5 километри. Градбата ќе почне на потегот клучка Штип југ-Бучин. Се апелира до возачите на внимателно управување и да ја приспособат брзината и да ја почитуваат поставената времена сообраќајна сигнализација.
Работите ги изведува австриската фирма „Штрабаг“ која беше избрана за најповолен понудувач на меѓународниот тендер објавен од Европската банка за обнова и развој.
Изградбата на патот според понудата е во вредност од околу 27 милиони евра за изградба на патниот правец.
Новиот експресен пат ќе има две коловозни ленти со широчина од 3,5 метри и две ленти за застанување од по два метра. Изградбата на овој експресен пат, кој ќе овозможи побрз транспорт на патници, но и на земјоделските производи од струмичкиот и радовишкиот регион треба да заврши во рок од три години, а новата траса ќе почнува од клучката за штипскиот Затвор и село Софилари до клучката кај радовишкото село Бучим.