Се очекува изборот на новиот гувернер на Народната банка
Денес е последниот работен ден на Димитар Богов како гувернер на Народната банка. Иако неговиот седумгодишен мандат завршува денес, на 21-ви мај, сѐ уште не се знае дали новиот предлог на претседателот Ѓорге Иванов за кандидатурата на Анита Ангеловска – Бежовска за нов гувернер ќе се најде на денешната седница на Собранието.
Извори од СДСМ истакнуваат дека претседателот на Собранието Талат Џафери закажал координација со политичките партии. Ставот на ДУИ дали е за или против кандидатурата на Ангеловска – Бежовска ќе се знае по координацијата со првиот парламентарец Џафери.
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека нема да присуствуваат на координацијата кај Џафери. Од политичките партии само СДСМ се огласи со конкретен став дека позитивно го оценува предлогот на Иванов – предлог кој дојде веднаш откако сѐ уште актуелниот гувернер Богов ја повлече својата кандидатура. Оваа изјава предизвика реакции во јавноста откако парламентарното мнозинство и владината коалиција најавија унифициран став во врска со ова прашање.
Неофицијално, кандидат на ДУИ беше Фатмир Бесими, кој што е во моментов советник во Владата, пренесува ИНА. Се очекува денес претседателот на Парламентот Џафери да одлучи во врска со гласањето на пратениците предлогот Ангеловска – Бежовска да биде именувана како нов гувернер, при што за тоа ќе бидат потребни 61 пратеници да се изјаснат за. Ако ги добие гласовите, Ангеловска – Бежовска ќе биде првата жена – гувернер на Народната банка на Македонија.