Македонија од следната недела со нов состав на Владата

Македонија од следната недела ќе има нов состав на Владата.

Собранието вчера доцна попладне го прими предлогот за нови министри на Владата. Се очекува, седницата за реконструкција на Владата да се одржи до 1 јуни, кога е годишнината од изборот на актуелната Влада во РМ предводена од премиерот Зоран Заев.

Досегашната министерка за образование Рената Тренеска Дескоска е предложена за нова министерка за правда, а за министер за образование нејзиниот актуелен заменик Арбр Адеми, кадар на ДУИ.  За министер за култура е предложен Асаф Адеми, кој доаѓа од Беса, додека за министер без ресор е предложен Бардул Даути, која доаѓа од ДПА.

Предлогот на Владата официјално претпладнево треба да биде достапен на веб-страната на Собранието, информираат од таму.

Во текот на вчерашниот ден во јавноста излегоа и информации за тоа кои би биле новите заменици министри во одредени ресори. Така на местото на Арбр Адеми во образование ќе биде предложен пратеникот од СДСМ Петар Атанасов, додека за заменик министер во Министерството за надворешни работи се споменуваше името на поранешниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски. Испразнето е и министерското заменичко место во здравство.

Премиерот Зоран Заев вчера во изјава за медиумите кажа дека денеска предлозите ќе бидат доставени до Собранието, но не прецизираше кога би бил изборот на новите членови на Владата.

Треба да знаете
Последни објави