Азири: Радникот ми ја даде напишаната полициска изјава за Монструм
Обвинетиот Хаки Азири во продолжението на судењето за „Монструм“, откако специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на својот телефон му покажа фотографија од поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски – Радникот, рече дека тоа е инспекторот што му вршел притисок и му рекол дека сите судии и обвинители се нивни, па мора да застане зад изјавата што му била дадена да ја потпише.
– Радникот беше тој со повисок полициски чин кај кого ме однесоа во зградата во МВР, откако претходно бев држан во Кочани. Тој ми рече дека мора да ја потпишам веќе подготвената изјава за убиството и пред судот да го кажам тоа што го пишува на листот – рече Хаки Азири на денешното судење.
На прашањето од Фетаи, тој рече дека контактирал телефонски со бегалците Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, по кои се распишани меѓународни потерници.
На првото продолжение од денешното рочиште, Хаки Азири, кој првично бил загрозен сведок, раскажа како на 1 мај 2012 година бил брутално апсен, тепан, плашен, носен по полициски станици низ Македонија, но и во МВР, присилуван да признае дека помогнал тероризам, поради што и на крајот пред истражен судија дал изјава под притисок на инспектори од МВР.
Според обвинението тој со свое возило ги презел од „опел омегата“ прво и второобвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ веднаш по убиството. Биле со црни ракавици и фантомки, му кажале: „Направивме гомнарија, убивме човек“.