Владата сака во ГОБ „8 септември“, Итната помош и ПЕТ центарот да влезе приватен партнер
Владата ја разгледува можноста во ПЕТ центарот, Градската општа болица „8-ми септември“ во Скопје, Итната медицинска помош и Патронажната служба да влезат приватни партнери, објави порталотСАКАМДАКАЖАМ. Оваа одлука ќе зависи од физибилити студиите кои треба да ги изработи Министерството за здравство.
„Владата ги разгледа четирите информации за можно доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство. Станува збор за: Службата за итна медицинска помош, ЈЗУ Универзитетски Институт за позитронско – емисиона томографија, здравствени услуги за интегрирано менаџирање и иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, како и за Градската општа болница „8 Септември“. Физибилити студијата во овие четири случаи ќе биде документ којшто ќе покаже дали воопшто ќе се пристапи кон склучување договор за јавно – приватно партнертство во овие здравствени установи“, велат од владината прес служба.
Министерот за здравство Венко Филипче, истакна дека доколку во јавните здравствени установи влезе приватен партнер ќе донесе подобри услуги за пациентите.
„Сакаме да видиме дали може приватен партнер да влезе во ПЕТ центарот, кој има циклотрон за производство на радиоизотопи, кои пак се неопходни за снимање со ПЕТ камерата. Во моментов за домашните потреби се користат 3 отсто од капацитетот на циклотронот, а идејата е да најдеме партнер кој ќе може да го разработи овој дел, односно да обезбеди 100 проценти искористеност на циклотронот и радиозиотопите да ги продаде во земјите од регионот, кои немаат ваква технологија, како што се Албанија, Црна Гора, и другите земји што купуваат радиоизотопи“, вели Филипче.
Со физибилити судиите ќе се бара компанија која ќе сака да влезе во јавно-приватно партнерство и за обезбеди подобри услуги за пацинетите, како што е случај со здравството во Европа. Според Филипче користа за македонските пациенти би била во тоа да добијат добар сервис, односно брза и квалитетна услуга.
„Во однос на ‘8 Септември’, како што се искуствата од Холандија, на пример да обезбедиме партнер кој во дел би влегол во управувањето со болницата, но при тоа да обезбеди и квалитетни доктори, нова опрема и реновирање на болницата. Сепак ова е само почетна идеја, бидејќи физибилити студијата треба да покаже што и како ќе може да се реализира“, вели Филипче.