Коѕијас: Министрите завршија, на потег се премиерите Заев и Ципрас за финалниот договор
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, по завршувањето на редовниот совет на ЕУ за надворешни работи, рече дека заедно со шефот на македонската дипломатија, Димитров, ги завршиле преговорите и оти следно што ќе се случува е разгледување на правните и технички елементи околу рамката за постигнување решение за името.
„Веројатно денеска или утре, разговорите ќе продолжат околу разгледување на техничките и правни елементи, што мора да се расчистат“, изјави Коѕијас за грчката агенција АНА-МПА, додавајќи дека потоа ќе следува средба и на премиерско ниво:
„Штом техничките и правните моменти ќе бидат решени, текстот, составен на министерско ниво ќе им биде предаден на двајцата премиери, кои ќе треба да го постигнат финалниот договор“, изјавил Коѕијас.