Макрон ветил добивање државјанство и да работа во пожарникарска служба на мигрантот
Мигрант од Мали, кој бестрашно се качуваше по зграда за да спаси дете, ќе биде награден за својот херојски чин со француско државјанство и ќе добие работа.
Мамуду Гасама го воодушеви светот, откако се појавија снимки како тој, во стилот на Спајдермен, се качува од тераса на тераса за да дојде до четвртиот спрат, кадешто висеше едно четиригодишно дете.
Тој беше примен од претседателот Емануел Макрон во Елисејската палата, при што му беше ветено дека ќе добие државјанство. Макрон лично му се заблагодари на Гасама, му додели медал за храброст и му понуди работа во противпожарна служба.
Гасама вели дека одел по улица, кога видел насобран народ пред една зграда.
„Немав време за размислување. Ја претрчав улицата и отидов да го спасам. Едноставно, се качував и со божја помош, успеав. Колку повисоко се качував, толку повеќе храброст добивав, тоа е тоа. Детето плачеше кога стигнав до него“, кажа 22-годишниот Гасама, кој повреди стапало во својата акција.
https://www.facebook.com/EmmanuelMacron/posts/2168121030087138
Кога пожарникарите пристигнале, детето веќе било на сигурно.
„За среќа, тој беше доволно храбар и физички подготвен за да го направи ова“, кажа портпаролот на противпожарната служба.
Гасама откри дека лани дошол во Франција преку Италија, по долго и опасно патување со чамец преку Средоземното Море.