Прибе: Извешатајот за Македонија укажува на значаен напредок во одредени области
Немам детален увид во она што се случуваше, што е направено во текот на изминатите две години по однос двата извештаја што ги изготвивме како експертска група, оние од 2015 и од минатата година. Извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија укажува на значаен напредок во одредени области, но постојат и доста области каде уште мора многу да се сработи, да се спроведат неопходни реформи во евроинтегративниот процес. Очигледно е дека во извештајот централно прашање и приоритет е посочено владеењето на правото со сите аспекти што ги подразбира, истакна Рајнхард Прибе кој учествува на Меѓународната научна конференција за реформите на безбедносниот систем што се одржува во Охрид.
Прибе кој ја предводеше петчлената експертската група на ЕУ задолжена за системски прашања, во изјавата за медиумите нагласи дека повеќе не е официјален претставник на ЕУ, но лично се надева дека Македонија и државите од регионот ќе направат исчекор во процесот на евроинтеграција.
– Во секој случај, реформите на кои укажавме ние, а се посочуваат и во Извештаите на ЕУ, треба да се направат, не само заради напредок во тој евроинтегративен процес туку повеќе за самите држави и граѓаните пред се, рече Прибе.
Тој одби да издвои област каде би требало политиката, државата и институциите да ги насочат своите реформски процеси.
– Се работи за серија препораки. Вледеење на правото е клучно за проближување кон ЕУ, сите ресурси и сили во општеството би требало да бидат ангажирани и насочени кон таа цел, нагласи Прибе.
Прибе имаше свое изглагање пред учесниците на Конференцијата за реформи во безбедносните структури, во кое ја нагласи важноста на безбедносните прашање во процесот на приближување и членство во ЕУ, оттаму што самата Унија се соочува со проблеми од безбедносна природа.
– Безбедносните прашања не можат да се разграничат дали ги засегаат државите члнеки на ЕУ и на оние кои се апсиранти за членство. ЕУ и државите од Западен Балкан мора да соработуваат кога е во прашање безбедноста, така што тоа прашање е високо на агендата на ЕУ, рече Прибе.
Ингрид Шикова, професор по политики на ЕУ при Софискиот универзитет ,истакна дека безбедносните прашања се од голема важност не само за земјите од регионот, туку и континентално па и глобално.
– Не случајно Бугарија за време на претседавањето со ЕУ меѓу приоритетите го постави прашањето на безбедноста на Западниот Балкан. Што поскоро земјите од регионот ги исполнат критериумите за безбедноста во процесот на зачленување, тоа ќе придонесе за побезбедна Европа. Државите од Западен Балкан треба да го следат примерот на помирување на државите од Западна Европа по Втората светска војна, и преку надминување на споровите да придонесат за поголема безбедност на континентот. Клучно прашање во безбедноста е заедничкиот настап во справувањето со предизвиците, истакна Шикова.
Конференцијата за безбедност што се одржува во Охрид во организација на Факултетот за безбедност има за цел академската заедница и практичарите од областа на безбедноста да разменуваат сознанија базирани на користење на научни методи за истражувања од областа, но и да се исползуваат искуства од практиката за да може да им се даде научно-истражувачка димензија.
Научниот собир треба да понуди решенија за идната поставеност на безбедносните систем со цел ефикасен одговор на современите ризици и закани по безбедноста, односно дестабилизирачките фактори кои создаваат состојби на конфликти.