Во прашање се денови да се случи телефонскиот разговор меѓу премиерите на Македонија и на Грција, и во моментот сѐ уште се создаваат околностите за да се реализира тоа.
Ова го порача денеска премиерот Зоран Заев на маргините на завршната конференција на проектот Мрежа 23+ поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добор владеење?, одговарајќи на новинарско прашање за тоа до каде е разговорот со Алексис Ципрас, но и коментирајќи ја изјавата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас дека е време да се каже едно големо „да“ или „не“ во процесот на преговорите.
Во врска со изјавата на Коѕијас дека во игра се три предлози – Република Северна Македонија, Република Горна Мкаедонија и Република Нова Македонија, Заев одговори дека верува оти процесот е на самиот крај и оти крајот ќе биде среќен и успешен.
„Да не избрзуваме со детали за тоа, сѐ уште се создаваат околностите за да се случи телефонскиот разговор. Денови се во прашање. Откако ќе се случи граѓаните ќе бидат информирани за тоа и за неговата содржина“, рече македонскиот премиер.
Тој не сакаше да коментира дали во игра се нови креативни решенија кои вчера ги изнесе Артан Груби од ДУИ, Република Крушевска Македонија, Република Современа Македонија и Република Европска Македонија.
„Прашањето е сензитивно и ќе останам внимателен. Овие денови сакам да бидат денови на успешно завршување на процесот. Кога сите детали ќе бидат договорени веднаш ќе бидат споделени. Чувствително е кај нас, чувствително е и во Грција“, рече Заев и додаде дека, сепак, за прашањето на крајот граѓаните ќе одлучуваат на референдум.