Државните ревизори пронајдоа серија неправилности при ревизијата на сметката на буџетот на Министерството за култура за 2016 година додека со него управувала ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска.
Наодите од ревизијата покажаа дека ексминистерката за култура побарала од Министерството за финансии согласност за обезбедување 127 илјади денари во бруто износ за ангажирање возач врз основа на авторски договор за период од 1 година. Финансии дало согласност на барањето на Канческа, но ревизијата утврдила дека лицето кое всушност било дополнително ангажирано како возач, било државен службеник и работело како самостоен референт во Секторот за општи работи.
Во Министерството за култура, без решение, биле ангажирани 6 службеници во Кабинетот на заменик-министерот Драган Недељковиќ, иако за тоа не е законски предвиден кабинет за координација. За тројца од нив не била водена евиденција за присуство.
За сума од 818 илјади денари биле направени расходи за угостителски и ресторански услуги без соодветна документација. Корисниците на услугите не изготвиле барања за службен ручек или вечера за домашни или странски гости, кое треба да го одобри овластено лице од институцијата.
При службено патување во странство потрошени се 232 илјади денари за трошоци за репрезентација, што е спротивно на Уредбата за издатоци за службени патувања, каде што издатокот за исхрана е пресметан во дневницата.
Ревизорите напишале дека биле исплатени 2 милиони и 178 денари денари или приближно 35 илјади ерва во бифето на Министерството, за угостителски услуги.