Австрија затвора седум џамии и ќе протера 60 имами заедно со нивните семeјства
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, најави дека Виена ќе ги протера свештениците кои се финансирани од странство и дека ќе бидат затворени седум џамии во земјата, како дел од борбата против, како што кажа, политичкиот ислам.
Меѓу џамиите кои ќе бидат затворени е и една во Виена, водена од турска крајно десничарска организација, како и шест други кои се под раководство на арапски верски заедници, соопшти Курц на прес-конференција.
„Во нашата земја нема места за паралелни општества, за политички ислам и радикални трендови“, изјави австрискиот канцелар.
Австрискот министер за внатрешни работи, како што наведува „Франс прес“, додал дека од земјата ќе бидат протерани околу шеесет имами и нивните семејства.
Иако австрискиот закон забранува финансирање на свештеници од странство, турската организација ATIB, на која и припаѓаат имамите, пронашла начин да ја заобиколува забраната, изјавил министерот за култура Гернот Блумел, чие министерство ги опфаќа и верските прашања.
Тој нагласил дека турската џамија се затвора поради краен десничарски екстремизам и поради тоа што нема дозвола за работа од австриската исламска заедница. Арапските џамии, пак, се затвораат поради салафистичките ставови кои ги проповедаат.