Ибрахимовиќ ги обвини шведските медиуми за неговото отсуство од СП во Русија

Изгледа дека Златан Ибрахимовиќ не е задоволен од одлуката на шведскиот селектор да не го повика во репрезентацијата, но наместо виновникот да го бара во фудбалската федерација, тој реши да го посочи прстот кон шведските медиуми.

 

Шведскиот напаѓач ги обвини медиумите од неговата земја дека постојано го негирале неговиот учинок бидејќи тој не бил „типичен Швеѓанец“.

Селекторот Јане Андерсон реши да не го повика Златан Ибрахимовиќ за претстојното СП во Русија и наместо него во националниот тим се најдоа Маркус Берг, Џон Гидети, Ола Тоивонен и Исак Киесе Телин како четирите опции во нападот. Популарниот Ибра вината за тоа ја најде во шведските медиуми, кои вели дека го третираат многу лошо.

„Шведските медиуми велат дека националниот тим е подобар без мене и затоа не сум повикан за репрезентација. Ова е менталитетот на шведските медиуми. Јас немам типично шведско име и не се однесувам типично шведски, но и понатаму успеав да сум рекордер во националниот тим“, вели Ибрахимовиќ.

Златан ќе го гледа Светското првенство од САД, каде во моментов се наоѓа на подготовки со неговиот тим од МЛС лигата, Лос Анџелес Галакси. Сепак, не останува рамнодушен, посебно поради тоа што ова му беше последната шанса да настапи на еден голем национален турнир.

„Најголемата забава во фудбалот е играњето на Светско првенство. Таму се сите најдобри фудбалери во светот. И Златан требаше да биде таму, но ете, не е“, додава Ибрахимовиќ.

Тој вели дека неговиот победнички менталитет можел да му помогне на националниот тим, но медиумите „му ја одземале“ шансата да настапува заедно со репрезентацијата. Шведска се наоѓа во група заедно со Јужна Кореја, Германија и Мексико.

Треба да знаете
Последни објави