Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истрага против 11 лица за фалсификување пари, кои потоа ги пуштиле во оптек во Кавадарци.
Меѓу нив има и банкарски службеници, кои иако знаеле дека парите се фалш, доволиле трансакции со нив. На седуммина од осомничените им се става на товар дека сториле кривично дело фалсификување пари од чл. 268, а четворица се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 од Кривичниот законик.
Како што информира Обвинителството, во периодот од април до мај годинава едно од пријавените лица набавило 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари, кои видно се разликувале по повеќе обележја од оригиналните банкноти. 137 лажни банкноти осомничениот ги разменил во денари во експозитура на банка во Кавадарци, а потоа искористувајќи ги своите роднински и пријателски врски, сукцесивно во повеќе наврати дал уште вкупно 559 лажни банкноти на лица што во неколку наврати ги продале во банката.
За дел од банкнотите на продавачите не им биле исплатувани пари во денарска противвредност, туку биле извршени трансакции со кои тие ги префрлувале парите од нивно име како заем на сметките на фирмите во сопственост на првоосомничениот и неговото семејство.
Во исто време шалтерските работници во банката извршиле прием на лажните банкноти и притоа не направиле рачна и машинска проверка на бројната точност и автентичност на банкнотите во согласност со банкарските правила и по одобрение од раководителот и заменик-раководителот во банката исплатиле денари во соодветна противвредност. Со неизвршување на своите службени овластувања банкарските службеници ја оштетиле банката исплатувајќи вкупен паричен износ од 1.727.545,00 денари.
Во текот на вчерашниот ден осомничените лица се сослушани од страна на јавен обвинител. Имајќи предвид дека постојат особени околности што укажуваат на опасност од бегство и страв од повторување на кривичното дело, како и влијание врз сведоците што ќе бидат сослушувани во наредниот период, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес поднесе предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, а за другите осомничени достави предлог за определување други мерки за обезбедување. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со решение на првоосомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.