Александар Василевски – Нинџа и се предаде на полицијата и е спроведен во Шутка
Александар Василевски -Нинџа, еден од осомничените за насилството што се случи на 27 април 2017 година, во Собранието, утринава сам се пријавил во Кривичниот суд, дознава 24 Инфо од свои извори.
После 7-месечно бегство Нинџа заедно со својот адвокат денеска околу пладне се појавил пред судија за претходна постапка каде било барањето за отворање истрага и барањето за определување притвор против него. Веднаш му е определен притвор.
Според првичните информации, Александар Василевски Нинџа рекол дека во суд дошол од својот дом во Газибаба. Информациите на МВР говореа дека тој се крие во Македонија, но никогаш не успеаја да го пронајдат.
Во обвинителниот акт за крвавиот четврток, Василевски е спомнат во делот за организирање на настаните од 27-ми април. Во обвинението стои:
Откако од телефон, сопственост на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Р.М. НН лице од обезбедувањето на Никола Груевски, тогаш претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а кои се наоѓале во Виена, Австрија, во 14.30 часот контактирал со обвинетиот Александар Василевски Нинџа, сега недостапен на органите на прогонот, кој потоа заедно со обвинетиот Никола Митревски Кољо, телефонски ги конрактирале обвинетите Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски, Захарие Симовски, Михаил Младеновски и Дејан Давидовски Дешо, сега недостапен на органите на прогон, го мобилизирале членството од Скопје и други градови, за насилен упад во Собранието, однапред знаејќи дека објектот на Собранието не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили.
Подоцна беше утврдено дека обезбедувачот на Никола Груевски кој контактирал со Нинџа, е неговиот брат Благоја кој е вработен во 6-тата управа и го обезбедува екс премиерот. Груевски изјави дека го прашал својот телохранител кој му кажал дека комуницирал со братот за семејни работи.