Со задоцнување од 16 минути почна денешното рочиште за предметот „ТНТ“ на СЈО. Судењето почна покасно поради тоа што не беше присутен обвинетиот Никола Груевски, кој со обезбедувањето се појави во судот во 11 часот и 16 минути. Судијата Огнен Ставрев рече дека ќе ги пушти снимателите да влезат во судницата кога ќе дојде и поранешниот премиер Никола Груевски. На судењето ќе се слушаат 26 бомби.
Случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Меѓу обвинетите за уривањето на „Космос“ се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски. Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“.