Заев: Нема веќе ФИРОМ, договорена е Република Северна Македонија
Република Северна Македонија преведено на сите јазици е името што попладнево на прес конференцијаа го потврди премиерот Зоран Заев како решение на спорот со Грција.
Според Заев македонски јазик, Македонец, Македонка се заштитени и зајакнати „еднаш за секогаш“.
“Име кое е достоинствено, Републикa Северна Македонија со превод на сите јазици за севкупна употреба се прецизира со амандман во Уставот, потврда на македонскиот јазик македонски, Macedonian без фуснота, националноста е македoнска/граѓани на Северна Македонија”, рече Заев.
Тој повика на национално обединување и најави дека договорот наесен ќе оди на референдум, а потоа ќе се ратификува во Парламентот.
„Имаме историско вековно решение. Решавајќи го спорот, градиме пријателство со Грција, кое никогаш не било поголемо. Во нашите раце е клучот за отворање на европската перспектива. Решаваме два и пол децениски спор за да ја извлечеме нашата земја, која одеше надолу. Со решението го јакнеме македонскиот индентитет. Нема веќе ФИРОМ. Признати сме од Република Грција. Нашата добивка е бесценета, гаранција за безбедност и зајакнат идентитет. Република Северна Македонија е предвидено да биде за севкупна употреба”, рече Заев на прес-конференцијата.
Прво договорот ќе биде им презентиран на сите, а потоа потпишан од претставниците на двете влади.
„Следуваат писма од грчката влада до ЕУ и до НАТО дека нема спор за името и дека нема пречки за членство во НАТО и препорака за почеток на преговорите за членство. Веруваме дека во јуни ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, а во јули ќе добиеме и покана за полноправно членство.
Наесен следува референдум, на кој граѓаните ќе одлучат за иднината. Граѓаните ќе бидат дел од иднината, да кажеме ‘да’ за македонската иднина.
По референдумот Грција до крајот на годинава ќе го ратификува договорот и протоколот за членството во НАТО“, рече премиерот.