Град Скопје ќе набави нови 30 еко автобуси
Триесет нови еколошки автобуси со погон на гас ќе бидат дел од возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие. Ова го најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во обраќањето пред присутните на италијанско-македонскиот бизнис форум „Инвестициски проекти и можности во секторот транспорт, енергетика и животна средина во Македонија” што се одржа во Скопје.
Изминатиов период Градот Скопје и ЈСП интензивно работат на модернизација на возниот парк на јавното претпријатие и до крајот на оваа година очекувам да завршат постапките за набавка на 30 нови еколошки автобуси кои работат на гас.
Новите еко автобуси имаат значително помала потрошувачка, и речиси воопшто не емитуваат штетни гасови во воздухот. Покрај овие автобуси, сериозно размислуваме за набавка и на електрични автобуси, со што значително ќе се намали загадувањето на воздухот во Скопје – рече Шилегов.