Хан и Могерини: Ципрас и Заев покажаа лидерство за историски договор
Сесрдно им честитаме на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за нивната определба и лидерство во постигнувањето на овој историски договор меѓу нивните земји, што придонесува за трансформација на целиот регион на Југоисточна Европа. Ова достигнување им припаѓа на лидерите на двете земји и нивните тимови, но првенствено им припаѓа на сите граѓани на двете земји и на Европа како целина, се вели во заедничката изјава на еврокомесарите за надворешна политика и за проширување Федерика Могерини и Јоханес Хан, на постигнатито договор мешу Македонија и Грција.
Преговарачкиот процес, под покровителство на Обединетите нации и посредништвото на личниот пратеник на генралниот секретар на ОН, Метју Нимиц и силната поддршка од Европската унија, се вели во изјавата, исто така е јасен доказ за моќта на мултилатералната дипломатија, дијалогот, почитувањето и подготвеноста за да изнајдеме решенија дури и за најтешките прашања.
-Заедно, ние сега мораме добро да го искористиме прозорецот на можности што беше отворен за да ги поддржиме мирот и соработката во целиот регион, се вели во изјавата.
Перспективата на Европската унија за Западен Балкан, неодамна потврдена на Самитот во Софија, останува најмоќната стабилизирачка сила за регионот, сметаат Хан и Могерини, истакнувајќи го интересот и одговорност таа добро да се искористи. Тоа според нив беше, исто така, клучен поттик за овој договор, во духот на добрососедската соработка.
-Сега очекуваме Советот да ја потврди нашата препорака од 17 април за отпочнување на преговори за пристап со Поранешната Југословенска Република Македонија во јуни. Ова не само што е заслужено, како признание за значителните реформски резултати на земјата, туку ќе придонесе за целосна имплементација на договорот во интерес на двете земји, регионот и нашата Унија како целина, се вели во изјавата.
-Европската унија ги охрабрува и ги поддржува преговорите од самиот почеток. Сега ќе ги поддржиме следните чекори со сите наши средства во истиот дух на дијалог за нашата заедничка европска иднина, истакнуваат Хан и Могерини.