Затворски казни за двајцата обвинети за насилство во Собранието на 27 април изрече кривичниот суд во Скопје. Обвинетиот Цејо Георгиевски е осуден на една година и два месеци, додека три години затворска казна доби Стојан Павлевски. Во казната ќе им се пресмета и времето поминато во притвор.
Стојан Павлевски прв влегол и се упатил кон пратениците и почнал да ги напаѓа, образложи судијката, според која тоа е причината за повисоката затворска казна која што му е изречена.
На двајцата им се судеше за насилство во одвоената постапка за нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собранието од 27 април минатата година. На претходното рочиште, Георгиевски и Павлевски ја признаа вината за делото. Двајцата во завршни зборови, кажаа дека се покајуваат за стореното дело и дека немале намера никого да повредат.
Стојан Павлевски и Цејо Георгиевски признаа вина, откако обвинителот го преиначи обвинението од обид за убиство на Села, во насилство. На снимките ги немало двајцата како го тепаат Села, туку само се гледало дека меѓу првите влегуват во прес – центарот и почнуваат да фрлаат фотелји и сталаци врз пратениците.
Застапникот на обвинението Дарко Јакимовски, во завршни зборови, кажа дека со оглед на признанието на вина Судот обвинетите да ги прогласи за виновни и казни за стореното дело.
„Казната за ова дело е од шест месеци до пет години, што отвора можност за алтернативна санкција. Сметам дека било какво алтернативно казанување ќе значи банализација на делото. Ако вака лесно се влегува во Собранието и се напаѓа, што станува со останатите заштитени објекти. Обвинетите биле свесни, без разлика на поводот, дека ја надминале дозволената граница“, рече Јакимовски. Тој додаде дека обвинетите не одговараат само за напад врз Села, туку за целокупните дејствија во Собранието и прес центарот.
Постапката за седуммина обвинети за крвавиот напад врз Села во Собранието продолува на 2 и 5 јули, за кога се закажани завршни зборови. За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.