Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.
„Информираме дека средбата траеше две минути. Во текот на денешниот ден претседателот Иванов ќе има обраќање до македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија“, информираат од Кабинетот на претседателот Иванов.
Иванов го напушти состанокот со Заев и Димитров, тврдат од Владата
Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, имаа конструктивен обид за презентација и дискусија на содржината од договорот за името со Република Грција, но претседателот Иванов го прекина и го напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина, информираат од Владата.
Оттаму уште еднаш ги повикаа сите политички фактори да се обединат за националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Граѓаните, конечно, добија шанса да испишат ново поглавје во историјата на нашата земја и никој нема право да ги спречува да ја донесат вистинската одлука за македонската иднина“, наведуваат од владината прес-служба.