Како што пренесуваат грчките медиуми, голема е веројатноста во текот на денешниот ден, грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, да ја напушти владата на Ципрас.
Актуелниот министер за одбрана на нашиот јужен сосед, Панос Каменос според гласините би требало да се повлече денес, односно да ја раскине коалицијата со премиерот Ципрас поради незадоволството од постигнатиот договор со нашата земја.
Каменос е основач на десно ориентираната Партија на независни Грци која што има познат став – исклучување на терминот „Македонија“ од било какво име на нашата земја, па затоа се очекува токму тој да ја сруши владата на Ципрас.
Наводно Каменос поради тоа што не се согласувал името на нашата земја да биде Република Северна Македонија, ќе го казни Ципрас со тоа што ќе се повлече од министерското место, но и од неговата влада со што дефинитивно ќе ја забави ратификацијата на постигнатиот договор помеѓу Скопје и Атина.
Да потсетиме, во текот на вчерашниот ден, македонскиот премиер Зоран Заев и премиерот на Грција, Алексис Ципрас соопштија дека е постигнат историски договор името на нашата земја да биде сменето во Република Северна Македонија, а официјализирањето на договорот е најавено за предстојниот викенд, најверојатно на Преспа.
Како што соопшти премиерот Заев на вчерашната прес-конференција, новото име на нашата држава за севкупна употреба ќе биде Република Северна Македонија, со тоа што јазикот останува Македонски јазик, а националноста Македонска. Понатаму, Заев додаде дека кодовите и ознаките остануваат како што се и денес, а ќе има само промена на регистарските таблички каде што ќе пишува “NRM”.
Премиерот Заев најави и организирање на референдум на кој што граѓаните на Македонија ќе одлучат дали треба да биде применет овој договор околу новото име на нашата земја или не, по што доколку македонскиот народ се изјасни „ЗА“, тогаш договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент, со што конечно ќе се отворат вратите на Република Македонија во НАТО и Европската унија.