Во договорот постои решение за државјанството, а не за идентитетот, бидејќи не можеме да им го забраниме правото на соседите да се самоопределуваат како Македонци, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас.
– Овој договор тоа што го прави е да не го потценува правото на самоопределување, тоа не можеме да го направиме. Не можеме да им забраниме да се самоопределуваат како Македонци, рече грчкиот премиер и објасни дека во договорот терминот „Македонци“ не се однесува на историјата на грчката Македонија.
Во однос на договорот, Ципрас рече дека Грција „не сака да ги понижи соседите, не сака да има соседи што ќе бидат понижени, не сака да биде Версајски договор“.
– Проблемот, се обидовме да го решиме со почитување на чувствителноста на другиот, на основните линии на другиот, на достоинството на другиот. Мислам дека успеавме да постигнеме договор што од сите се карактеризира како историски, рече грчкиот премиер, изразувајќи увереност дека е создаден важен моментум за да се надминат и победат „трговците со патриотизам“, што постојат и од двете страни.
Алексис Ципрас неколку пати ја употреби фразата „трговци на патриотизам“ за оние кои и во двете земји се противеа на постигнувањето договор.
– И јас и мојот колега, господинот Заев, во овој период, водевме тешка битка, секој во својата земја да надминеме предрасуди и опсесии, но и еден организиран обид на „трговци на патриотизам“, за да можеме да стигнеме до договор, кој веруваме, сметаме дека е во корист на нашите народи, бидејќи и двајцата сметаме дека тоа е вистинскиот патриотизам, додаде Ципрас.
Грчкиот премиер коментираше дека опозициите во двете земји имаат идентични позиции, дури и изјавите им биле исти.
– Ако ги заменеа текстовите од изјавите, немаше да има никаква разлика, токму истото го кажаа: национално понижување, национална отстапка. Ги видов изјавите на господинот Самарас и на господинот Иванов, ако се заменеа, токму истото го кажаа, рече Ципрас и додаде дека истото она што Мицотакис го барал од него, го побара и претседателот Иванов од премиерот Заев – да го види договорот, пред да биде комплетиран.
Грчкиот премиер го објасни процесот како бил постигнат договорот и зошто не можел да биде доставен порано до опозицијата.
– За да бидеме комплетно заштитени и да не се најдеме пред изненадувања, и двете страни требаше да го пратиме конечниот текст на договорот, онака како што го имавме, до медијаторот од ОН, Нимиц, тој да потврди дека е ист, да направи корекции, потоа да ги испрати до министерствата за надворешни работи на двете земји, министрите за надворешни работи да ја потпишат секоја страница, да го вратат текстот до Нимиц, за тој да го испрати конечниот текст, објасни грчкиот премиер.
Во однос на позицијата на коалициониот партнер во грчката влада, Независни Грци, Ципрас рече дека Панос Каменос го известил дека ќе си го задржи почетниот став и нема да гласа за договорот, но и нема да ја урне владата.
– Панос Каменос има свои принципи и вредности, но не е „трговец на патриотизам“. Нема да ја турне владата за да направи политичка кариера, како што направи господинот Самарас со владата на Константинос Мицотакис, рече Ципрас.