Син на екссудијка призна вина за крвавиот четврток – осуден на 1 година затвор
Уште две затворски пресуди за упад и насилничко однесување во Собранието на 27 април лани изрече Основниот суд Скопје 1. За насилство врз премиерот Зоран Заев осуден на една година и три месеци затвор е Васко Цунгаревски, кој ја признал вината.
Тој е син на доскорешната судијка од Основниот суд Скопје 2 Зорица Цунгаревска, која од пред околу една година е во пензија. За истото дело насилство, но за тепање на пратеникот на ДУИ Артан Груби, во истиот предмет осуден е Димитар Поповски, кој доби условна двегодишна казна, според која не смее да го повтори делото во наредните пет години.
Судијката Оља Ристова која ги изрече пресудите, го упати Поповски на задолжително психијатриско лекување, бидејќи со вештачење било утврдено дека обвинетиот е со битно намалена пресметливост. За Цунгаревски остануваат мерките за претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на пасошот и забрана за издавање на нов.