Во Скопје на протестот 25 приведени и повредени 7 полицајци
Во центарот на Скопје вечерва, нешто по 21 часот, дојде до полициска интервенција насочена кон група насилни демонстранти, дел од насобраните луѓе пред зградата на Собранието на РМ дојдени да го изразат својот револт против промената на името на Македонија.
Повредени се седуммина полицајци, а до сега се приведени 25 лица, соопшти МВР вечерва.
Во соопштението од МВР се додава дека демонстрантите употребиле распрскувачки средства и насилно ја турнале заштитната ограда, во обид насилно да влезат во собраниската зграда. Со цел да спречи ескалација на немирите и насилен упад во Собранието, полицијата употреби солзавец.
Сведоци велат дека неколкумина од демонстрантите претходно ги предупредиле жените од групата да се оддалечат од првата линија на протестот. Тие додаваат дека меѓу демонстрантите имало и лица со руско знаме во рацете.
Десетина борни коли беа распоредени во околината.
Облакот солзавец брзо се рашири наоколу, поради што толпата беше принудена да се оддалечи од зградата на Собранието на Македонија.