СДСМ ги осуди вчерашните насилства пред Собранието, нападите од насобраната толпа врз новинарите, снимателите и полицајците коишто се обидуваа да спречат насилен упад во Собранието, реагира СДСМ по вчерашните судири на демонстрантите со полицијата пред законодавниот дом.
Владејачката партија преку соопштение истакна дека секој има право да протестира и да го искаже својот став и мислење, но, забележуваат дека на вчерашниот собир бил забележан говор на омраза, повици за насилство, навреди и провокации кон граѓани, кон новинари и кон различни етнички заедници.
„Очигледно е дека одредени субјекти кои работат спротивно од интересите на државата и граѓаните сакаат да го повторат насилството од 27 април, на кое му претходеа слични повици и активности. Апелираме до сите актери да се воздржат од говор на омрза, навреди, повици за насилство и на демократски начин да го изразуваат мислењето. Граѓаните треба да бидат смирени и да не подлегнуваат на провокациите. Институциите имаат капацитет соодветно, професионално, неселективно и во рамки на законските надлежности да одговорат на сите предизвици“, се вели во соопштението на СДСМ.
Партијата додава дека нема враќање назад кон мрачното време на страв, омраза, понижени граѓани и изолација.
„Македонија тргна напред, живееме слободно, поврзани со светот, градејќи демократско и економски развиено општество за сите“, порача СДСМ.
По синоќешните протести девет лица беа хоспитализирани, од кои седум полицајци и двајца цивили. МВР соопшти дека привеле 25 лица, а дел од демонстрантите употребиле распрскувачки средства и насилно ја турнале заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Протестите беа против Договорот за решавање на спорот за името, што вчера беше потпишан во Преспа.