Откако премиерот Зоран Заев изјави дека не е прв пат Македонија да прифати „ерга омнес“ решение и дека тоа го направила владата на ВМРО-ДПМНЕ, експремиерот Никола Груевски вели дека најдобар демант за тоа што Заев го кажува бил факторот време.
Според Груевски, се гледа дека тој и ВМРО-ДПМНЕ разговарале за надминување на разликите околу името водени од резулуцијата на ООН, но, не го промениле името и идентитетот додека биле на власт. Експремиерот тврди дека примената на Уставот, ќе влијае на идентитетот.
„Надвор од памет било да се прифати „ерга омнес“, што значи и промена на името во Уставот со име Северна или Горна или било каква Македонија. Па уште и сум се откажал од идентитетот. Само името на автопатот ги изнервирало Грците и затоа ја пропуштиле таа можност. Ваков договор, со вакви елементи во него, со вакви отстапки во членовите на договорот, не сум ни можел да прифатам, бидејќи дел од прифатените работи не се ни барале од другата страна“, вели Груевски.
Според него, потпишувањето на договорот е национална катастрофа, а владата предводена од СДСМ сака да ја дефокусира јавноста со тврдењата дека договорот бил прифатен од ВМРО-ДПМНЕ.
„Еве само еден пример. Според договорот на Заев, татко ми кој е роден во Леринско, 15-тина километри од денешната границата, е дел од историјата за која Грција доби експлузивно право со договорот и има право својот идентитет меѓудругото да го влече и од тој дел на историјата, а јас негов син, кој сум роден од другата страна на границата немам такво право. И така е и со илјадници други Македонци, не само оние со потекло од тој дел на Македонија. И со оние со потекло од овој дел на Македонија“, додава Груевски.
Експремиерот и поранешен лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека има многу нелогичности во договорот со Грција.
Претходно, премиерот Зоран Заев изјави дека Никола Груевски во 2012 и 2013 година прифатил преименување на државата во Северна или Горна Македонија, без да биде дефиниран идентитетот, односно, без Грција да го прифати јазикот. Но тогаш, како што изјави Заев, Грција не го прифатила решението бидејќи била испровоцирана од проектот „Скопје 2014“, но и преименувањето на аеродромот и автопатот.