Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес вчера извршил увид во куќата под ридот Вршник во Велес, каде во пожар во куќа загинаа три деца на возраст од четири, две и една година.
Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата, две сестри и еден брат, и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.
Јавниот обвинител издал наредби за обдукција на починатите деца и продолжува со постапката за утврдување на причините на несреќата.
Децата во критичните моменти биле сами дома, бидејќи родителите отишле да купат јадење. Огнот го забележале соседите околу 15.30 часот и веднаш повикале пожарна и лекарска екипа. Пожарникарите стигнале во 16.05 часот, а огнот бил локализиран во 18 часот. Пожарникарите интервенирале со две помали возила. По нив набргу пристигнала и екипа од Итната медицинска служба.